Грејфрутот е суптропско цитрусно дрво кое има плод со горчелив вкус. Кога за првпат е пронајдено се нарекувало „забрането овошје“. Често се мешало со друго овошје познато како помело кое од неодамна може да се купи и кај нас.



Дрвото на грејпфрут е зелено преку целата година и може да достигне до 15 метри висина. Листовите се темно зелени, долги и тенки. Цветовите се бели.

Плодот на грејпфрут има жолта лушпа, а месото е раслоено, со кисело-горчелив вкус.

Најголеми производители на грејпфрут се САД, Кина, Јужна Африка, Мексико и Сирија. Постојат жолти, портокалови, црвени и розови видови на грејпфрут. Кое и да го одберете, нема да погрешите. Одлично се комбинира со риба, но и со пилешко и свинско месо. Ако го комбинирате со зачини, користете кардамом, муксатно оревче, каранфилче и цимет. Добро се комбинира и со свежи зачини како нане, босилек, тарагон и рузмарин. Интересно е дека одлично оди и со чили пиперчиња.

Грејпфрутот е одличен извор на хранливи состојки и фитохемикалии. Во него има витамин Ц, антиоксидант ликопен и ред други состојки кои помагаат во избалансираната исхрана. Има антимикробско дејство, а делува и на клеточниот систем со продолжување на животот на клетките.

Во 100 гр плод од грејпфрут има 33 калории, 0.69 гр протеини, 0.10 гр масти, 8.41 гр јаглехидрати и нема холестерол.