Македонија има голем интерес да го потпише договорот со Бугарија за добрососедство смета бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски кој во македонската јавност е познат по своите ставови за непостоење на македонската нација и јазик.
Џамбаски смета дека со договорот конечно ќе се дојде до подобри односи меѓу еден народ кој е разделен во двете држави.
Кривецот за лошите односи меѓу двете земји Џамбаски го гледа во владеењето на Никола Груевски во последните 10 години кој што според него „ги разделил Македонија и Бугарија со една цел, да раздели еден братски народ во две држави“.
„Сите ние стискаме палци владата во Скопје да издржи пред притисокот од сили кои што не го сакаат договорот кој што е добар и за Македонија и за Бугарија“ , смета европратеникот кој е еден од најактивните бугарски пратеници во ЕП во врска со состојбите во Македонија.
Според Џамбаски, силите во Бугарија кои што се против договорот како Бугарската Социјалистичка Партија (БСП), која што е идеолошки сојузник на СДСМ во Македонија, имаат исти аргументи како и ВМРО – ДПМНЕ против договорот.




