Во случај на војна нашата војска би била уништена за шест месеци, предупредува британски министер

Алистер Карнс, министер за прашањата на ветераните во британското Министерство за одбрана, предупреди дека британската армија ќе биде уништена за шест месеци до една година во случај на голема војна.



Карнс рече дека сегашната големина на британската армија значи дека нејзините сили ќе бидат надвор од стројот во рок од 12 месеци доколку дојде до конфликт од размери слични на оној во Украина, објави бриселскиот портал „Политико“.

Според него, во тој конфликт секојдневно гинат или се ранети околу 1.500 руски војници.

Како што рече Карнс на состанокот во Лондон, во војна која нема да биде ограничена интервенција, туку ќе има димензии слични на конфликтот во Украина, британската армија ќе биде уништена во рамките на пошироката меѓународна коалиција, според актуелната стапка на руски загуби, за шест месеци до една година.

Тој рече дека е важно да има доволно резервисти, кои се апсолутно најважни во тие околности.

„Без нив, не можеме да создадеме маса, не можеме да извршиме серија одбранбени задачи“, предупреди Карнс.

Како што наведе, тоа не значи дека Британија треба да има поголема армија, туку да може брзо да го обезбеди потребниот број луѓе во случај на криза.

Според „Политико“, британската армија сега е на најниско ниво од 18 век, иако заменик-началникот на Генералштабот за одбрана, Роб Магован, минатиот месец инсистираше дека „ако биде повикана да се бори, британската армија ќе биде подготвена да тргне во борба уште вечерва“.