Во Скопје меѓународен шаховски натпревар за шахисти и проблемисти

Македонските шаховски проблемисти ќе имаат убава можност утре да бидат дел од 14-от Меѓународен натпревар во решавање шаховски проблеми, што секоја година го организира Светската федерација за шаховска композиција, истовремено на повеќе локации во светот. Натпреварот во Македонија ќе се одржи во Скопје, во ОУ „Јахја Кемал“ со почеток во 11 часот.



Предмет на решавање ќе бидат шаховски проблеми и студии и тоа мат во два и во три потега, во повеќе потези, студии, помошни и самомат.

Натпреварот е отворен за сите заинтересирани шахисти и проблемисти, а може да се учествува во три категории.

Во првата категорија можат да настапат сите решавачи, со или без меѓународен рејтинг во решавање и во која може да се добие рејтинг во две кола (време 120 минути).

Втора категорија е за решавачи со рејтинг во решавање помал од 1.700 поени или без рејтинг, во две кола (120 минути).

Во третата категорија можат да учествуваат млади решавачи (родени по 31 декември 2004 година), во едно коло (120 минути).