Со благослови и придржувајќи се кон традициите жителите на Крушево вечерва ги пречекаа коњаниците од повеќе градови и места пред столбот на Републиката во центарот на Крушево кај црквата Свети Никола. Годинава по врвиците на востаниците во Илинденско Крушево пристигнаа повеќе од 150 коњаници од цела Македонија.
Коњаниците ги пречека Томе Христовски, градоначалникот на Крушево и претседател на Манифестацијата „10 дена Крушевска Република“. Тој им посака добредојде и да е вековит големиот Илинден.
Се положија венци и свежи цвеќиња на бројните делегации на значајни востаници и дејци: на гробот на Питу Гули на Гумење, на партизанските гробишта, пред криптата во споменичниот комплекс Илинден. Делегацијата на Министерството за култура и туризам ја предводи министерот Зоран Љутков.
Денес, на 1 август од 20 часот на Гумење во Крушево свечено ќе бидат отворени културно – научните средби „10 дена Крушевска Република“. Оваа манифестација од оваа 2024 година е национална.
На манифестацијата ќе биде кренат бајракот на Крушевската Република. Симболично ќе се испука од Црешовото топче. Пред присутните ќе се обратат градоначалникот на Крушево и претседател на Манифестацијата Томе Христовски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Потоа почнуваат чествувањата за големиот Илинден и 121-вата година од Илинденското востание и Крушевската Република.



