Груевски не го сакаат во Бугарија ни како лидер во сенка на ВМРО-ДПМНЕ

За поранешниот бугарски амбасадор во Албанија и во Косово, Боби Бобев, не е никакво изненадување оставката на Никола Груевски од претседател на ВМРО-ДПМНЕ по дебаклот на локалните избори, но за него е поважно дали тој ќе остане лидер во сенка.



„Важно е оттука натаму каква позиција ќе заземе и каква политика ќе води ВМРО. Не сметам дека е најважно личното присуство на еден или на друг лидер. Тие што се спомнуваат како можен нов лидер на партијата се лица од непосредниот, најблизок круг на Груевски и не знам дали би имал смисла еден таков чекор. А јас би претпочитал да видам промена на политиката на ВМРО-ДПМНЕ. Груевски би можел да биде лидер во сенка. Тој би можел да ги влече конците“, изјави Бобев во интервју за Блумберг ТВ Бугарија.

Ексамбасадорот во македонското соседство ја става оставката на Груевски во регионален контекст.

„Однесувањето на Македонија е категорично променето. Пред повеќе од 10 години имаше многу интересна статија во скопски ‘Утрински весник’, во која новинарот велеше дека многу е тешко да му објасните на светот зошто имаат проблеми во односите со сите соседи. За жал, такво беше однесувањето на Груевски. Дури и во односите со Србија имаше проблеми, како за прашањето на Македонска православна црква, иако тој без сомнение беше пробелградски настроен“, смета Бобев.

Според него, нормално било да се очекува промената во односите со Бугарија да ја донесе ВМРО-ДПМНЕ, а не партијата на Зоран Заев, опишувајќи го Социјалдемократски сојуз на Македонија како „рекордер во однос на антибугарската реторика во претходните години“.

„Таква беше најавата уште од 1990-тите години, кога лидер беше Љубчо Георгиевски. Нормално беше тоа да продолжи. Дотолку повеќе што Груевски беше поставен за лидер од Георгиевски. За жал, тоа не се случи. Имаше еден лош тон во односите со Бугарија. Лоши беа односите и со Грција, со Албанија и со Косово“, објаснува Бобев.