Во Албанија има македонско малцинство и нема Бугари

 

 

Прашањето за бугарското малцинство е затворено, такво малцинство во Албанија нема, изјави шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати.



За време на дебатите во албанскиот парламент за законот за заштита на малцинствата, министерот за надворешни работи се повикал на пописите на населението од 1945 до 2011 година.

Во нив, според министерот за надворешни работи, нема докази за постоење бугарско малцинство во Албанија, пренесуваат бугарски медиуми..

Ервин Талури од Здружението за бугарско-албанско пријателство на дебатата во парламентарната комисија побара да биде признато бугарско малцинство, согласно законите на земјата, фактите и историјата

Ова е изобличување на историјата. Во Преспа, Гора и Голо Бардо, каде што има барање за бугарско малцинство, живее само македонско малцинство. Ова барање е дел од проектот „Голема Бугарија“ изјави за албанската телевизија „Топ ченл“, Васил Стерјовски од Македонската асоцијација – „Сонце“.

Ако се признае бугарско малцинство, тоа ќе биде геноцид врз Македонците вели Васил Стерјовски.

На дебатата во парламентарната комисија, Стерјовски ја обвини Софија дека создава„лажни бугарски организации во Албанија“ и раздава бугарски пасоши на нивни активисти во тите асоцијации, пренесуваат медиумите.

За да можат да патуваат низ Европа, не само Македонци, туку и Албанците се пишуваат како Бугаре, рече претставникот на „Македонското здружение – Сонце“.

Со новиот закон за малцинства, подготвен од албанската влада, за малцинства во Албанија се признаваат Македонците, Грците, Власите, Црногорците, Србите, Бошњаците и Египќаните.

Пред само една недела, бугарскиот премиер Борисов се јави на својот албански колега Еди Рама, за да му соопшти дека Бугарија „инсистира да бидат гарантирани правата на бугарското малцинство во Албанија, во согласност со меѓународните правни норми” и дека очекува предлог законот „да содржи текст кој ќе ги штити правата на бугарското малцинство во земјата“.

Бугарските европратеници Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски прават напори во резолуција на ЕП за напредокот на Република Албанија да влезе текст кој ќе ја повика владата во Тирана да признае бугарско национално малцинство и безусловно да ги заштити неговите права и законски интереси.