Војници пак ќе можат да се молат во објекти на Армијата

Уставниот суд го укина параграфот од Правилото во Армијата со кој беше забрането вршењето на верски обреди во воените објекти.



Правилото за сместување и ред во Армијата е донесено од началникот на Генералштабот на Армијата во 2012 година.

Судот смета дека вршењето на верските обреди во војската може да се уреди единствено со закон, а не со правило, пренесува “Плусинфо“.

„По спроведената постапка и анализа, Судот утврди дека оспореното правило не е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок, односно со основните слободи и права на човекот и граѓанинот и со владеењето на правото, како и со членови од Законот за правна положба на црквата, верска заедница и религиозна група. Судот смета дека со донесувањето на оваа одредба началникот на Генералштабот на АРМ ги пречекорил своите законски овластувања и се ставил во улога на Законодавец, бидејќи таква содржина не може да биде уредена со подзаконски акт. Уредувањето на условите под кои може да се оствари правото на слободно вршење на верски обреди во рамки на вооружените сили претставува исклучиво materia legis, односно законска материја и во никој случај не може да се регулира со правило“, соопшти Уставниот суд.

Подносител на иницијативата е Исамудин Османлиу, законски застапник на Здружението за развој „Млади за јавен интерес“ Дебар.