Воскреснува ли ССРНМ – турканица за влез во Владата

Судејќи според новите кандидати за влез во Владата или за нејзина поддршка, Зоран Заев наскоро би можел да предводи модифицирана форма на некогашниот Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија, во кој членуваа сите општествени чинители.



Премиерот е отворен за вклучување во својот кабинет и на Демократска партија на Албанците (ДПА), а од Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) очекуваат за власта да играат и досегашниот опозициски пратеник Чедомир Саздовски, како и дел од помалите коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ.

„Една од алтернативите е и ДПА да биде составен дел на Владата. Важно е програмата да биде прифатена, дали стојат зад проектите кои сме ги ветиле пред граѓаните, заедно да ги реализираме“, изјави Заев.

Во меѓувреме, Зијадин Села демантира дека неговата Алијанса за Албанците има намера да ја напушти Владата.

„Станува збор за дезинформации што ги шири ДУИ во функција на локалните избори, сакајќи да ги заплаши луѓето, онака како што постапувале секогаш. Тоа не е воопшто точно, бидејќи за тие прашања не одлучува ДУИ. Ние во Владата сме главни носители на реформите што таа ги прави и ние сме гарант за реформите. Не може гарант за реформите да биде политички субјект што создавал проблеми, како што е ДУИ. Затоа, станува збор само за шпекулации и пропаганда на ДУИ. Ништо повеќе“, изјави Села.