Воловска економија

Во мојот потсетник одамна стоеше запишан следниов работен наслов: „Поткопување на економските темели на државата“.



Мислев дека тоа е добар опис за крајниот ефект врз нашата економија oд голем број одлуки на нашите надлежни институции – во изминатите над три децении. Наведената квалификација, веројатно, некои ќе ја сметаат за преостра. Но, за жал, неа ја потврдуваат фактите за нашиот, одвај, ползечки економски раст кој, меѓу другото, цело време го „јадат“ два важни, крајно негативни процеса.

Едниот е вчудовидувачката леснотија на пренесување на плодоуживањето на нашите национални ресурси (како и на изведбата на клучни економски проекти) во рацете на странски ентитети. Со други зборови, процес на несфатливо „инвестирање“ на нашите функционери во полза на интересите на надворешната конкуренција.

Другиот процес е галопирачкото зголемување на јазот меѓу јавното, од една страна, и приватно обезбедување на потребите на граѓаните со соодветни добра и услуги, од друга страна. Всушност, големо истиснување на првиот начин.

Двата процеса се близнаци на клучното рацио на неолибералистичката доктрина: неограничената слобода на движење на капиталот, а во поширока смисла, религијата „непопречени пазари“. Имено, државата била лош стопанственик, или, како што велеше Роналд Реган: „Владата не е решението за проблемот, Владата е проблемот“. Оваа доктрина, посебно во последните четири децении, најшироко ги отвори портите за новите начини на експлоатација на сиромашните од страна на богатите, како внатре во општествата, така и  во релациите меѓу нив.

Во оваа прилика, мојот фокус е на првиот процес – пренесувањето на нашите ресурси во рацете на странски ентитети. И, веднаш да кажам: посочениот работен наслов, „Поткопување на економските темели на државата“, не е го изумив јас. Тоа беше назив за кривично дело стипулирано во некои верзии на Кривичниот закон на бившата СФРЈ. Образложението на тој закон (со тоа и на кривичното дело) беше дадено од, во тоа време, исклучително еминентниот професор по уставно право, Јован Ѓорѓевиќ – главниот автор на текстот на Законот.

Во нашето постсоцијалистичко кривично законодавство, во согласност со старо-новата идеологија и „хармонизацијата“ со европското законодавство, нема такво именувано дело. Има повеќе старо-нови (да не ги цитирам), чија функција е заштита на јавните економски добра – на економското националното богатство, на материјалните  ресурси чиј титулар е државата.

Ова („комунистичко“) кривично дело не ми се „прпелка“ во главата како некоја когнитивна вежбичка; ни од помислата дека треба да го вратиме во актуелното кривично законодавство. Туку, можеби, од некаква моја неизлечива заблуда дека, сепак, мора да постои некој вид предупредување, нешто отрезнувачко, нешто што може да допре до синапсите на нашите државни функционери; да разберат дека леснотијата со која го пренесуваат плодоуживањето на нашите национални богатства во рацете на странски ентитети не нѐ води кон благосостојба, туку кон историски горчливото искуство од чифлигарството.

И дека, конечно, можеби ќе видат дека над три децении (и преку вториот, погоре, наведен процес), ни се случува таканаречената „The tragedy of commons“ (заграбувањето,  пљачкосувањето, пренесувањето на заедничките добра во приватен посед). Дека е крајна иронија „погребувањето на заедничкото“ да се слави постојано со карневалската прозодија: глобализација, соработка со нашите стратешки партнери, странски инвестиции за излез од сиромаштијата, светоста на приватната сопственост, запечатувајќи ја државата во клубот на најголемите економски губитници.

Што е тоа „воловска економија“?

Сепак, од каде и зошто, насловот „Воловска економија“? Од каде?

Го позајмив од колумна на српскиот писател Светислав Басара, заедно со образложението за тој наслов, што всушност е цитат од книгата на Жозеф-Мари де Местр (1753-1821) „Санктпeтербуршки ноќи“. Автор, од кој и за кој, за жал, имам прочитано само некои фусноти во дела на други автори.

И, зошто? Зашто, во меѓувреме, вторава метафора (со нејзиното образложение) ми се стори дека уште посликовито ја изразува суштината на тоа што ни се случува со нашата економија, со тоа и со нашите животи во изминатите децении.

Жозев де Местр (според Википедија), савојски философ, адвокат, дипломат, судија, на почетокот на 19 век и амбасадор во Русија со престој во Санкт Петерсбург. Независно што бил страстен поддржувач на хиерархиското општество (разбирливо, бил гроф) и што спорадично се допирал до економијата, соопштил бесмртно точна  вистина за разликите во поведението на одделни општества.

Во цитатот што го посочува Басара, тој вели дека постојат два вида општества. Едните, склони на брзи и лесни уредувања, кои ги колат воловите, од дрвените делови на плугот заложуваат оган, на огнот ги печат воловите и живеат долго и среќно додека има месо. И другите, ним спротивните општества, потрезвени и порационални, кои ги впрегнуваат воловите во плугови, ја ораат угарата, садат посеви, собираат летнина, и кои, по некое време – како што им растат приносите – се доберуваат до т.н. вишок капитал, од тој вишок на капитал набавуваат оружје и опрема, ја вооружуваат војската, па ги освојуваат земјите во кои населението пали оган од дрвените делови на плуговите и на него ги пече воловите и од тие земји изнесуваат сѐ што им треба, а што немаат во нивните земји… Земјите што ораат и копаат до производите што им требаат, а ги немаат, често стигнуваат привидно по мирољубив пат… Кога запалените плугови ќе изгорат и кога печените волови ќе бидат изедени… нема друго освен земјите коишто така работат да побараат нови плугови и нови волови од земјите кои така не работат…. Мора да се јаде. На земјите кои ораат и копаат, секако, не им паѓа на ум плуговите и воловите да ги дадат муфте, туку за возврат бараат – и по правило добиваат – компензација во добра и суровини коишто земјите што ги печат воловите на огнот од плуговите, ги имаат во изобилство, но кои – сити и пресити од воловското месо – не ги користат. Зошто? Затоа што до користа (и до вишокот на вредност) од рудното и од суровинското богатство, кое земјите колачи на волови, по правило, ги имаат во изобилство, другиве стигнуваат со „подигнување на задниците“, со стрплива работа и голем напор, а тоа на оние што без ронка мака се најале од воловското месо, им претставува тешка духовна мака.

Таа колумна Басара ја пишува (10.08.2024) во екот на големите протести во Србија, по повод намерата на Вучиќ да ѝ дозволи на компанијата „Рио Тинто“ да ископува литиум од подрачје на западна Србија. И само девет дена пред посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц на Србија. Средба на која тој и претседателот на Србија А. Вучиќ разговараат за новиот европскиот проект: обезбедување на  одржливи „критични суровини“. Заедно присуствуваат на „Самитот за критични суровини“ во организација на ЕУ, а Србија истиот ден го потпишува Меморандумот за разбирање со ЕУ за стратегиско партнерство.

Македонија одамна започна со „воловската економија“

Според описот на Жозеф де Местр, не е тешко да се заклучи во која група општества спаѓа Македонија. Долг е списокот со примери што го потврдуваат нашиот „воловски концепт на еконoмија“.

Ќе потсетам на  дел од нив.

Март 1999 година: Љубчо Георгиевски (тогаш премиер) ја продаде Рафинеријата „Окта“ на грчката компанија „Хеленик Петролеум“ (EЛ-ПЕК) за само 32 милиони долари, за чија изградба (1978-1982)  Републиката вложи околу 200 милиони долари. Тој договор на Георгиевски му беше само една од „златните кокошки“ на патот  до „средно богат бизнисмен“.

Со какво објаснување беше продадена „Окта“? Била „загубар“! Така тврдеа и сите претходни влади, затоа требало да се „раатисаме“ од неа. А зошто „Окта“ беше „загубар?“ Од започнувањето со работа до нејзиното продавање, нашите влади цените на нејзините производи ги одредуваа административно – најчесто, под нивото на трошоците за производство. По продажбата (според договорот), компанијата премина на пазарно формирање на цените. Поинаку, немаше да биде купена. И одеднаш, „Окта“ веќе не беше „загубар“.

Целата колумна на Петар Гошев за Плусинфо на следниот лнк: