Пишува: Свето Тоевски
Крсте Мисирков е еден од најзначајните ликови во историјата на Македонското национално движење и веројатно е најзаслужен за македонското национално самоосознавање, за будењето на македонската национална свест. Тој е македонски национален мислител и втемелувач на филозофијата на македонизмот како филозофија на човековата слобода, крената на највисокото рамниште на хуманизмот. Мисирков не е единствениот, но е еден од најбележитите духовни воини за поставувањето, дефинирањето и интегралното решавање на Македонското прашање во двете негови компоненти: национално-политичката и јазичната компонента. Тој е роден на денешен ден, на 18 ноември 1874 година во селото Постол, во Ениџе Вардарско, во Егејскиот дел на Македонија, во денешна Грција. Оваа 150-та годишнина од раѓањето на Мисирков како еден од основоположниците на автентичниот македонизам е извонредна пригода за ново навраќање на врутоците на неговата генијална мисла како набележување на патоказите на претстојниот развој на македонската држава и македонската нација.
Од неизмерно значење за афирмацијата и одбраната на на македонската етничка засебност не само во Балканот, туку и во светски рамки, останува пораката на Крсте Мисирков, која е и своевиден негов аманет до секое идно македонско поколение: „Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сè друго на светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме блискоста на српските, бугарските и македонските интереси, но сè треба да биде оценувано од македонско гледиште.“ (Крсте Петков Мисирков, статија „Самоопределувањето на Македонците”, објавена во весникот “Мир” на 25 март 1925 година).
Мисирков се надоврзува на сета онаа блескава плејада на македонски просветители, преродбеници и дејци за македонската кауза: Јордан Хаџиконстантинов-Џинот, Глигор Прличев, Димитрие Чуповски, Кирил Пејчиновиќ, браќата Миладинови, Ѓорѓија Пулевски.. . На сите нив творечки се надоврза Крсте Мисирков со своето дело како филолог- кодификатор на македонскиот јазик, етнограф, политиколог, историчар, македонист, како еден од основачите и претседател на Тајниот Македонско – Одрински Кружок и како еден од основачите на Македонското Научно литературно другарство.
Значењето на книгата „За македонцките работи“
На 12 ноември 1902 година ова Другарство испраќа Меморандум до руската влада, во кој за прв пат го елаборира македонското прашање. Во Меморандумот Другарството повикува на отфрлање на сите странски противмакедонски пропаганди, на издигнување на македонскиот народен јазик на степен на литературен јазик, обновување на Охридската архиепископија, на признавање на Македонците на одделна словенска народност и здобивање статус на целосна автономија на Македонија во состав на Отоманската империја. Меморандумот на Македонското научно литературно другарство, е всушност, идеолошката платформа, врз која се темели книгата „За македонските работи“.Остварувањето на идејата за одделен македонски јазик е разработено во книгата „За македонцките работи“ (во Софија, 1903) од Крсте Мисирков.
Оваа книга е политичка анализа на положбата на македонскиот народ и предлог-програма за македонското народноослободително движење. Истовремено, таа ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет.
Четири од петте поглавја, статии, објавени во оваа книга, се реферати, кои Мисирков ги читал на на состаноците на Другарството во Русија. Книгата „За македонцките работи“, иако е отпечатена во Софија во 1903 година, таа, всушност, била создадена во Русија како дел од научните и политичките активности на Мисирков во рамки на дејноста на Другарството. Во оваа своја книга Мисирков како исклучителен го издвојува јазикот, преку кој македонскиот народ може да се разграничи и да се доживее себеси како посебен етнички и јазичен ентитет.
Мисирков прецизно ја согледува улогата на јазикот не само како средство за јазична комуникација, туку и како инструмент преку кој што се усвојува и се пренесува колективната меморија на народот и неговата културна традиција. За Мисирков јазикот на еден народ е негово богатство и наследство. „Да го сочува некој својот народен јазик и да го брани како светиња значи да се остане верен на духот на своите прадедовци и да се уважи се што тие имаат направено за своето потомство.“ – ќе каже Мисирков во „За македонците работи
Денес кога најжестоките напади се вршат токму врз македонскиот јазик не само од Бугарија, туку и од Грција преку „Преспанскиот“ и „Бугарскиот договор“, од непроценливо значење е и следниов став на Мисирков: „Не случајно покорителите инсистираат покорените да се откажат од својот јазик, затоа да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже и од својот народен дух“.
А да се откаже од својот народен дух значи да се откаже и од својата етничка засебност, односно да се откаже и од самиот себе. Затоа македонската интелигенција посебно денес има уште поголема одговорност, но и национална должност да го разгори повторно огништето на македонизмот, да ги продолжи заложбите на Мисирков и на Македонското научно литературно другарство за целосна и бескомпромисна одбрана на македонскиот јазик, идентитет, култура и историја на македонскиот јазик од сите санстефански и преспански угрози.
Мисирков уште пред 120 години јасно одговори дека Македонија може да претставува одделна етнографско-политичка единица
Во четвртата статија од капиталната студија за македонизмот „За македонцките работи“ со наслов „Состауала, состауат и можит ли Македониіа да состауат от себе оддел’на етнографцка и политична іединица?“ Мисирков, покрај другото, пишува: „Ниiе македонците имаме своiа историiа и сме народ … имат во нашата историiа много самобитно и своiеобразно, као шчо iет да речиме самостоiната Охридцка архиепископиiа, со неiното работеiн’е на полето на народното просветуаiн’е. … готоо во сите времиiн’а се забележуат силно работеiн’е на народниiо дух на културно-историiцка осноа, резултата на коiа се iауват образуаiн’е на силна македонцка држаа од цар Самуил и богата народна литература. Продолжувам со цитатот: А ако Македониiа до сега со мали исклу’чеiн’а се iет развиiала оддел’но од Бугариiа и Србиiа, то она можит да чинит и за однапред, ушче поеке, шчо пропагандите: бугарцка и србцка употребуваат сите и дозволени и не дозволени стретства да искоренат во нашиiот народен жиот се самобитно, се чисто македонцко. Самосталното политично развиiаiн’е на Македониiа iет необходност, као нешчо, без коiе ниiе не ке располагаме со доста стретства да се бориме со пропагандите за сочувуаiн’е од ниф нашата национална самобитност.“
Значи, Мисирков уште пред 120 години кристално јасно одговори дека Македонија може да претставува одделна етнографско-политичка единица“, одделна независна држава. Илинденското востание не успеа да ја конституира таа „Македонска одделна етнографско-политичка единица“, но народнослободителната борба на македонскиот народ и Првото заседание на АСНОМ ги конституираа илинденско-асномските темели на македонската држава, за која се залагаше со своите теоретски поставки и Мисирков. Тој креираше социолингвистичка реалност, во чиј центар се наоѓаат македонската држава и државотворниот македонски народ.
Но, оваа социолингвистичка реалност на Мисирков барем засега не постои. Неа ја урнаа двата акта, кои се нарекуваат „добрососедски договори“ – „Преспанскиот договор“ и „Бугарскиот договор“, или „Договорот со Бугарија“, кои почнаа да креираат нова, така наречена „северномакедонска социолингвистичка реалност“, во која не постојат македонска држава, македонски народ, македонски идентитет, македонска историја, македонски јазик. Овие два добрососедски договора целосно ги негираат, целосно ги поништуваат споменатите и сите други тези од „За македонцките работи“.
Македонскиот народ бара час поскоро да се возобнови илинденско-асномската социолингвистичка реалност, во чиј центар ќе продолжат да опстојуваат тој како државотворен народ и македонската држава. Македонскиот народ бара возобновување на Република Македонија и тоа, според авторот на оваа колумна, ќе биде најдобро да се направи, покрај другото, со навраќање повторно и на етнографско-политичките поставки од „За македонцките работи“. Всушност, возобновувајќи ја македонската држава, Република Македонија, македонскиот народ ќе треба самиот тој да го напише колективно вториот дел на „За македонцките работи“ на Мисирков.





