Опозицијата се подготвува за носење одлука како ќе се постави во блиска иднина за актуелните случувања во земјава.
Партиски извори во ВМРО-ДПМНЕ велат дека за утре е закажан состанок на Извршниот комитет, на кој треба да се донесе прелиминарна одлука дали пратеничката група ќе се врати во Собранието, дали ќе се продолжи со протести и дали, ако има понуда од СДСМ и ДУИ, ќе се влезе во процесот на решавање на името како конструктивна опозиција.
Според информациите, најголем дел од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е против каква било конструктивност сè додека Судот, под притисок на премиерот Зоран Заев, не ги ослободи од затвор притворените за настаните од 27 април.
Во врска со името, во партијата засега преовладува ставот дека никогаш нема да се поддржи ниедно решение што негативно влијае на македонскиот идентитет.
Прашањето за името мора да биде решено на референдум, смета партијата, а како опасни се оценуваат изјавите на Талат Џафери, Али Ахмети и Никос Коѕиас, кои јавно побараа спорот да се решава без референдум, само со одлука на Собрание или на Владата.
Во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ членуваат луѓе избрани за време на претходниот лидер Никола Груевски.






