„СДС и ДУИ се симбол за криминал, корупција, скандали, злоупотреби на службените должности и овластувања за лично богатење на поединци во нивните редови и лица блиски со нив.“ – велат во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО ДПМНЕ истакнува: Владеењето на СДС и ДУИ е забележано со бројни криминални и корупциски скандали, таков е и последниот скандал во МЕПСО, каде што постојат сомнежи и укажувања за злоупотреба на три милиони евра пари на граѓаните. Под водство на лица од СДС и ДУИ компанијата МЕПСО склучила договор за набавка на уред за три милиони евра поскап од предвидениот План за развој, кој самите го донеле.
Под водство на Зуди Енуз од така наречениот фронт на ДУИ и поставен од СДС, во јуни годинава МЕПСО склучил договор со албанска фирма „Шанси Инвест“ за набавка на уред за корекција на напонски профил на трансформаторска станица. Во Планот за развој на електропреносниот систем на МЕПСО за периодот 2021-2030 година буџетот, предвиден за уредот за корекција, изнесува 2.8 милиони евра, Во договорот склучен со оваа фирма истиот уред чини 5.864 милиони евра, што е за три милиони евра повеќе од планираното.
Дополнителен загрижувачки факт е тоа што на овој тендер албанската фирма „Шанси Инвест“ учествува со Далновод АД Загреб, која е фирма за производство на таквиот вид на опрема и која се јавува како поголем партнер во конзорциумот. Од сето ова се покренуваат сомнежи за улогата на албанската фирма кога истата опрема можела да се набави и да биде монтирана директно од фирмата производител. Дали „Шанси Инвест“ е фирма, која послужила за вадење 3 милиони евра повеќе од планираното? – нагласува ВМРО ДПМНЕ.





