Опозицијата не се враќа во Собрание и го продолжува бојкотот на законoдавниот дом. Оваа одлука на ВМРО-ДПМНЕ е донесена попладнево, откако Судот одлучи да го продолжи притворот за обвинетите за тероризам на 27 април.
Вчера новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ најави дека денеска ќе биде објавена одлуката дали пратениците на опозицијата ќе се вратат во Собрание. Најверојатно, лидерот Христијан Мицкоски сакаше да види дали Судот, за кој смета дека е под политичко влијание на владата на СДСМ, ќе ги пушти од слобода да се бранат обвинетите за тероризам, кои што се во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.
Откако Основен суд Скопје 1 донесе одлука за уште 30 дена да го продолжи притворот на уапсените, меѓу кои се оперскиот пејач Игор Дурлоски и актерот Владо Јовановски, ВМРО-ДПМНЕ останува со бојкот на парламентарниот дом.





