Помалку од 24 часа откако ВМРО – ДПМНЕ формираше десет пратенички групи за да може да го блокира собранието неговата работа е одложена.
Наместо денеска, расправата за смена на јавниот обвинител ќе започне в понеделник доколку и тогаш не биде одложена.
Спикерот Талат Џафери ја откажа седницата без да даде образложение.
Извори во Собранието тврдат дека најавата на ВМРО – ДПМНЕ за деловничка блокада на парламентарниот дом им дојде како „кец на десетка“ на мнозинството затоа што тие мака мачат да соберат доволен број пратеници за гласање и вака ќе можат да се правдаат дека не се виновни што собранието нема да може да носи закони.
Една партија да формира повеќе парламентарни фракции не е нова ситуација , во 2006 година и СДСМ и нивната коалиција го стори истото но тогаш владеачката коалиција имаше доволно пратеници без проблем да ги истурка сите предвидени закони.
Сега со 62 пратеници СДСМ, ДУИ и Алијансата на Албанците треба да заборават на службени патувања во странство, болест или други приватни обврски ако сакаат да донесат некој закон.
Однесувањето на ВМРО – ДПМНЕ може на власта да и помогне и при носење на спорните закони како тој за Албанскиот јазик.
Доколку СДСМ и ДУИ не најдат заеднички јазик за него вината за негово неусвојување со помош на медиумите може да се префрли на блокадата од опозицијата при што и ДУИ ќе има алиби пред своите гласачи а ВМРО – ДПМНЕ ќе може да се пофали дека го спречила неговото донесување.





