ВМРО-БНД до Пендаровски: Во Бугарија нема малцинства, а камоли „македонско, кое било мачено“

Бугарската вонпарламентарна партија ВМРО-БНД на европратеникот Ангел Џамбаски реагира за изјавите на претседателот Стево Пендаровски за македонско малцинство во Пиринска Македонија што треба да биде впишано во Уставот на Бугарија.



„Бугарската држава мора веднаш да реагира на непромислените изјави на македонскиот претседател Стево Пендаровски. Во пресрет на претседателските избори во Република Северна Македонија, на кои кандидат е актуелниот претседател Стево Пендаровски, повторно беше употребен јазик на омраза против бугарската држава. Пендаровски во интервју изјави: ‘Дај Боже не утре, уште денес да ги запишеме Македонците во бугарскиот устав – нашето малцинство кое е малтретирано со децении, најмалку 70-80 години, помина низ страшни маки и голготи…’.

Министерството за надворешни работи итно да го повика амбасадорот на Република Северна Македонија за објаснување. Она што го кажа македонскиот претседател е отворен јазик на омраза со цел да се оцрни Бугарија. Не може за предизборни партиски цели кој и да е македонски политичар да дава вакви изјави.

Згора на тоа, на г. Пендаровски треба да му биде совршено јасно дека Бугарија е еднонационална држава и дека нема национални малцинства. Преку овие зборови тој директно го оспорува Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан на 1 август 2017 година меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија“, се вели во ракцијата на ВМРО-БНД.