Влада: Да не се објавуваат шпекулации и дезинформации околу трагедијата во Кочани

Во овие тешки и тажни моменти за сите македонски граѓани, и во знак на почит на загинатите жртви, повредените и нивните семејства ги замолуваме медиумите да се воздржат од објавување на шпекулации и дезинформации, се со цел да не создаваме дополнителна болка и стрес на јавноста, велат од Владата.



„Бројот на жртви во пожарот во Кочани е 59, за жал млади луѓе кои на трагичен начин ги изгубија своите животи. Но, одредени медиуми повикувајќи се на разноразни непроверени извори шпекулираат со бројот на починати и дополнително придонесуваат за вознемирување на јавноста. Во овие моменти на тага, Ве замолуваме сите да се однесуваме одговорно, ова е трагедија за цела држава и да сочувствуваме со болката на најблиските.

Сѐ што има во интерес на истрагата, Владата, Министерството за внатрешни работи и сите други органи транспарентно и навремено преку прес-конференции и преку соопштенија известуваат за најновите информации. Никој нема да биде поштеден од одговорност, без разлика колкава и да биде вината на кој било инволвиран во овој случај, соодветно ќе одговара“, посочуваат од македонската Влада.

Велат дека ништо нема да биде скриено и дека стојат на располагање за дополнителни прашања од интерес на јавноста.