Владата разочарана, Данела не изнела никаков план на состанокот со Мицкоски

Заврши средбата помеѓу претставниците на Владата и скопската градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска и морам да истакнам дека сега сме уште повеќе загрижени, отколку пред почетокот на средбата, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференцијата по состанокот.



– Нашите очекувања беа дека од Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби што ние како Влада да помогнеме за тој план да се реализира. Но нивна страна не слушнавме ништо конструктивно. Очајна е состојбата во Скопје, исто и во јавните претпријатија и како генерален заклучок се донесе дека немањето комуникација меѓу советничките групи во Советот е една фаза од препреките за реализацијата на плановите – истакна Перински.

Тој посочи дека Арсовска предложила до крајот на оваа недела да состави некаков план и тој да биде презентиран пред советниците во Град Скопје, а притоа не изрази надеж дека тоа ќе се оствари од страна на градоначалничката.

– Ќе почекаме до крајот на неделата што од нивна страна ќе биде предочено како потреби што оваа влада ќе може да помогне. И врз основа на тие заклучоци од планот кој ќе биде претставен пред советниците и потоа да интервенираме. Мене ми е многу жал за ваквите состојби во Скопје. Како влада можевме и да не се мешаме во тековното работење на Градот, но сметаме дека скопјани ни се приоритет и мораме да и на некој начин нешто заедно да направиме – рече министерот.

На средбата било разговарано за две јавни претпријатија, а тоа е ЈП „Комунална хигиена“, како и ЈСП „Скопје“ каде што состојбите се најкритични.

– За десет дена од сега ќе имаме многу поголем проблем со јавниот превоз, бидејќи започнува новата учебна година. Се надеваме на конструктивност, пред сѐ кон советниците и останатите политички чинители на нивно на Град Скопје. Ние како влада сме тука да помогнеме доколку сметаат на нас. Од страна на Арсовска беше посочено дека претходната влада нема исплаќано кон ЈСП средства за превоз на студенти и тоа е причина за проблемите во претпријатието. Се надеваме дека ќе имаме разбирање од страна на вработените во Град Скопје, пред сѐ во Советот, а ние стоиме на располагање за сѐ она што можеме да помогнеме – изјави Перински.

Кога станува збор за ЈП „Комунална хигиена“, Перински посочи дека владата не може ништо да направи во моментот, бидејќи ќе биде кривично дело, затоа што немаат законска основа за тоа.

– Ние не знаеме во каква состојба е „Комунална хигиена“, што се случува таму, со какви капацитети работи. Собирањето отпад е нивна ингеренција. Ние сме разочарани од менаџментот на претпријатието, разочарани сме од менаџментот на Град Скопје. Затоа мислиме дека прво треба да го слушнеме планот на Градот, пред владата да носи заклучоци. Барањето на ЗЕЛС за поделба на двете јавни претпријатија не беше разговарано на оваа средба, а ние бараме правен механизам како тоа би се реализирало – одговори Перински.