Владата даде нов рок на кинески „Синохидро” за Кичево-Охрид

Владата на вечерашната седница одреди нов краен рок за изградба на автопатот Кичево – Охрид. Утврдени биле предлог одредби за законски дополнувања со цел склучување нов, шести по ред анекс на Договорот за изградба со кинески „Синохидро“.
Владата, на предлог на Министерството за транспорт и врски, ја разгледа информацијата за потребата од донесување закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, заради склучување анекс бр.6 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево – Охрид и ги утврди предлог одредбите на дополнувањето. Со утврдените законски дополнувања, 31 декември 2026 година се предвидува како краен рок до кога изведувачот треба да ги заврши работите на оваа автопатска делница. Причина за пролонгирање на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница“, информира владината прес-служба во соопштение по седницата.
Ова е предлог за шести анекс по ред за изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри. Првично беше проектирана на 374 милиони евра, а сега неговата цена достигна 598 милиони евра.