Владата денеска ги одобри договорите за користење на средствата од унгарската кредитна линија наменети за компаниите. Каматна стапка на годишно ниво си останува 1,95% она што веќе и е познато на македонската јавност, без дополнителни надоместоци за одобрување, управување и предвремена отплата на средствата. Максималниот износ на кредитот ќе биде до 10 милиони евра во денарска противвредност.
Овие пари се од унгарската кредитна линија, а методологијата по која овие пари ќе станат достапни за компаниите е преку Министерството за финансии кое со цел воспоставување на кредитната линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва и одобри на Развојната банка, бескаматен заем во износ од 250.000.000 евра. Развојната банка ќе ги стави на располагање на банките учеснички преку Рамковен договор за учество со намена финансирање на инвестициите и развојот на приватните трговски субјекти запишани во Трговскиот регистар. Максималниот рок е оној којшто го зборувавме, до 15 години со вклучен грејс период до 3 години за банките учеснички. Краен датум е 15 години од датумот на потпишување на договорот за задолжување. Банките ќе ги одобруваат кредитите на крајни корисници при што средствата може да се користат за: Инвестиции во основни средства. Крајниот корисник задолжително учествува со минимум 20% од вредноста на инвестицијата, рече Премиерот.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска на прес-конференција рече дека постапката ќе биде транспарентна и критериумите ќе бидат еднакви за сите. Рок за да се потрошат парите е 15 години колку што е рокот на отплата на кредитите, а со овие пари ќе располага Развојната банка.
– Трошоците за одобрување се нула денари. Постапката ќе биде максимално транспаретна и условите ќе бидат еднакви за сите компании. Секако акцент имаат производните компании, но ако ги погледнете анализите на Народната банка, ќе видите дека генерално пласманите што ги прават банките годишно не се нешто многу поголеми од овој износ и затоа ние на крајот се одлучивме да се отвориме кон сите компании во насока на тоа секој да има пристап, рече Кочоска .






