Македонскиот вицепремиер Бујар Османи постојано се обидува да ги урне преговорите за името меѓу Македонија и Грција, тврди дел од грчкиот печат кој во последниве неколку дена по посетата на Берлин интензивно го третира членот на ДУИ.
Покрај тоа што од својот соговорник во Берлин германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот побарал директна интервенција во спорот за името, на Османи му се забележува и за обид за менување на форматот на преговорите.
Според Грција единствен начин за преговори се билатерални разговори меѓу двете страни а секаква друга интервенција вклучително и германска е целосно исклучена. Ова му било јасно предоено и на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров за време на средбата во Атина со колегата Никос Коѕиас.
Во анализата на грчкиот портал thegreekobserver.com се вели и дека албанскиот националистички кругови продолжуваат да ја туркаат идејата за Голема Албанија и да се залагаат за распад на државата.
Порталот тврди дека албанските националистички кругови се во контакт со исламски кругови во Анкара со цел соработка и спроведување на планови со Муслиманското братство на Западниот Балкан што е директна закана за интересите на западот.
Во овој контекст се споменуваат и стотиците џихадисти од Косово, Албанија и Македонија кои што се дел од ИСИС и десетиците кои што веќе се вратени во регионот каде што формираат „заспани ќелии“ на Исламската држава.
Според грчките коментатори постои опасност растот на албански национализам да овозможи џихадистите да употребат насилство и да предизвикаат нестабилност во целиот регион и во Европа.





