„Витаминка“ на ниво на задачата! Најголемата домашна прехранбена индустрија инкасираше 59,3 милиони евра

„Витаминка“ ја одржува својата пазарна позиција дома, успеа да го зголеми и извозот и да ја одржи добивката на ниво од претходната година. И понатаму најголем предизвик за компанијата остануваат финансиските расходи и нивото на кредитна изложеност



„Витаминка“ успеа да ја зголеми продажбата во 2024 година за 7 отсто, а при тоа од извоз на своите производи инкасираше 36,2 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од финансиските извештаи на најголемата македонска кондиторско-прехранбена компанија.

Во годината која помина во бројни и значајни регионални и континентални неизвесности, војни и инфлаторни и кредитни ризици „Витаминка“ успеа да го зголеми извозот за 11 отсто и тоа е резултат за почит.

Вкупната продажба на „Витаминка“ надмина 59 милиони евра и тоа е за 7 отсто подобро остварување од претходната споредбена 2023 година.

Иако не голем во бројки, но сепак значаен, придонес за „Витаминка“ даваат и останатите оперативни приходи кои лани изнесувале 1,32 милиони евра и се за 24 отсто повисоки од претходната споредбена година.

Оперативните расходи на прилепската компанија за лани изнесуваат 58,6 милиони евра и се повисоки за 7 отсто во споредба со 2023 година. Очекувано и логично најголема трошковна ставка се суровините и други материјали и за нив „Витаминка“ платила 37,15 милиони евра. И тие растат за 7 отсто во однос на 2023 година. Значајно зголемување има кај трошоците за вработените. За нив „Витаминка“ издвоила 9,28 милиони евра што е за 17 отсто повеќе од претходната година. Овој параметар покажува дека „Витаминка“ е посветена на мотивација на своите вработени од кои очекува за возврат лојалност и продуктивност.

Услугите со карактер на материјални трошоци се трета најголема ставка и нивната вредност е 4 милиони евра.

Оперативната добивка на прилепската компанија изнесува 2 милиони евра и е пониска за 11 отсто во споредба со претходната година.

Клучен предизвик на „Витаминка“ и лани се финансиските расходи. Тие изнесувале 1,19 милиони евра и се за 5 отсто повисоко од 2023 година.

Прочитајте ја целата анализа на Фактор.мк.