Само неколку недели по воведувањето на владината мерка за намалување на цените на основните производи се покажа дека истата е целосно неефективна. Очигледно оваа мерка ги штити трговците, а не граѓаните. Ова денеска го соопшти портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз Богданка Кузеска, посочувајќи дека се покажа дека голем дел од цените се намалени, некои минимално, а цените на одредени производи дури и се зголемени.
- „Оваа мерка се покажа како голема измама на Владата. Еве ги бројките. Во октомври синдикалната кошничка е намалена за само 57 денари во споредба со претходниот месец. Тоа е заштедата на граѓаните за еден месец од мерките на Мицкоски. На едно четиричлено семејство му се потреебни 61 249 денари за основнитее потреби во месецот, додека просечната плата падна за 1 000 денари откако тој стана премиер. Ова покажува дека животниот стандар на граѓаните драстично опаѓа и дека имаат се помалку пари во џебовите“, вели Кузеска.
Освен ПР-кампањата на Владата, со налепници „загарантирана цена“ во маркетите, според неа, ништо друго не се променило.
- „Владата одбива да ја зголеми минималната плата за 450 евра. Со потсмев им вели да почекаат и оти ќе бидат задоволни. Се чека Владата да се смилува и да преземе нешто што ќе значи директна поддршка за семејствата и родителите што се борат да ги покријат основните потреби“, рече портпаролката на СДСМ.
Според неа, време е Мицкоски да го прифати предлогот за зголемување на минималната плата, што ќе донесе бенефот за сите работници и ќе ја зголеми минималната плата, а со тоа и просечната плата.





