Политиките кои ги креира државата, а се однесуваат на работниците во Македонија се погрешни, алармиаат од ССМ. Приходите се ниски и мора веднаш да се зголемат, а нападите кон ССМ и раководството да запрат, порачаа од Синдикатот во пресрет на големиот протест. Првиот синдикалец возврати дека власта напаѓа само за да не ја зголеми минималната плата. Слободан Трендафилов вели дека платите на членовите на ССМ се обезбедуваат преку чланарината и дека се далеку од сумите за кои говори владејачката партија. Вели дека е подготвен да работи за 500 евра доколку тоа го направат сите избрани и именувани функционери и се изгласа нивниот предлог за поголем минималец.

Трендафилов и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски денеска преку социјалните мрежи си испратија пораки дека не се пријатели и нема да бидат на иста страна. Во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно имаше прес-конференција на кој беше соопштена пресметката од броењето на приходите на еден од синдикалните лидери, Иван Пешевски.
- Според информациите кои ги добивме, платата на Пешевски, кој деновиве глуми загрижен синдикалец е 3 пати поголема од минималната. Додека ги лаже работниците со минималец, Иван Пешевски, за 4 месеци заработува што тие за цела година. Но тука не застанува лицемерието на Иван Пешевски, тој во 2024 и првите два месеци од 2025 година остварил и приходи по други основи со договори на дело и заедно со плата инкасирал 1.3 милиони денари, вели Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ССМ соопштија дека за нападите и притисоците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и обидите за одлевање на членството се известени и меѓународни синдикални федерации.





