Според доказите што во Кривичниот суд денеска ги изведе Обвинителството, 14 годишната Вања Ѓорчевска била жива и во неа било пукано од половина метар одзади додека клечела на колена.
Обдукцијатаутврдила дека нема траги од задушување кај девојчето.
Пред да биде застрелана, таа била принудена да се движи по кал, што се докажува од калта што ја имала под ноктите и под патиките.
Денеска, со изведување материјални докази денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судскиот процес за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, за кои се обвинети пет лица.
Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска рече дека еден проектил бил пронајден во телото на Вања Ѓорчевска, кој бил од боева муниција калибар 9 милиметри.
Обдукцијата, како што наведе Обвинителството, покажала дека брисот земен од лепливата лента од устата на убиената Вања Ѓорчевска, содржел траги од ДНК од две лица – нејзината и ДНК на Велибор Манев, еден од обвинетите за убиствата.
За убиствата и грабнувањата се обвинети Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски. Кешишев како што беше откриено во досегашниот тек на судењето, бил тој што ги однел истражните органи до телото на Вања.
И обдукцијата за Панче Жежовски покажала дека нему му било пукано во главата.
Доказите на Обвинителството што беа изведени, посочуваат дека и Вања и Панче биле усмртени со истрели во главата со куршуми со ист калибар од 9 милиметри.
Во близина на дупката каде што било најдено телото на Жежовски кај Велес била најдена чаура од куршум со овој калибар, за кој вештачењето покажало дека е произведен од „Сувенир” во 2002 година.






