Ракометарите на Вардар ремизираа со Валур 34:34 во Рејкјавик во претпоследното коло од прелиминарната фаза по групи во Европската лига на ЕХФ благодарејќи на прецизно изведениот седмерец од Марко Срдановиќ на истекот на времето!



Откако Улфар Тордарсон исто така од пенал донесе водство за Исланѓаните дваесет секунди пред крајот, во последниот напад на „црвено-црните“ Кристофер Јонасон направи неспортски прекршок и доби црвен картон, па српското лево крило реализира од 7 метри и го донесе третиот бод за вардарци во групата Ф.

Во ослабениот состав на двократниот освојувач на Лигата на шампионите, за кој поради повреди не настапија Мигел Еспиња, Милан Лазаревски и Вуко Борозан, со по пет гола најефикасни беа Срдановиќ (5/7), Гоце Георгиевски (5/7) и Ашраф Маргели (5/6), а на домаќинот не му помогнаа да победи 16. одбрани на Бјергвин Густавсон.

Овосезонскиот европски излет Вардар ќе го заврши со реваншот против лидерот Мелсунген од Германија на 26 ноември од 20:45 часот во арената „Јане Сандански“ во Скопје.