Ракометарите на Вардар претрпеа тежок пораз од 34:18 против германски Мелсунген во Касел во второто коло од групната фаза од Европската лига на ЕХФ.
Двократниот освојувач на Лигата на шампионите даде некаков отпор во првата третина од средбата, односно до 11:9 за домаќинот по 23 минути игра, но во следните 11 минути петтопласираниот тим во Бундеслигата минатата сезона направија серија од 11:1, а десет минути пред крајот веќе ги достигна максималните 16 гола предност.
Помалку лош од другите во составот на Владо Недановски беше Младен Крсманчиќ со 4 гола од 7 удари, а Милан Лазаревски и Матија Николиќ имаа ефект 3/6.
Ашраф Маргели погоди само три пати од 10 обиди, Стефан Петриќ еднаш од седум, а Вуко Борозан ниту еднаш од пет!
Нерешлива енигма за вардарци беше голманот Адам Моравски, кој запиша 17 одбрани со 50 проценти успешност!
Во другиот меч од групата Валур и Порто ремизираа 27:27, па „црвено-црните“ останаа втори на табелата со 2 бода, два помалку од Мелсунген.






