Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, смета дека денеска на Водно се случил „вандализам на најмалку три места“, по информацијата за заалениот дом „Даре Џамбаз“.



Тој вели дека најпрво, околу 7:20 часот на телефонскиот број 112 била добиена пријава за запалена бандера и неколку трупци спроти детското одморалиште на потегот од Средно Водно до врвот на планината.

„Екипа на Парк шумата Водно излегла на место. Неколку добронамерници планинари веќе дејствувале врз опожарените трупци и бандера и помогнале огнот да биде целосно изгаснат“, вели Ангелов.

Околу еден час подоцна, планинар му се јавил на директорот лично за да пријави дека на врвот на планината гори планинарскиот дом „Даре Џамбаз“.

Исто така, забележан е и трет инцидент – искршено стакло на продавницата што се наоѓа во склоп на Милениумскиот крст на врвот на Водно.

Стојанче Ангелов, смета дека „се работи за вандализам на најмалку три места“.