Вадењето пасош во Србија чини многу помалку отколку во Македонија

Во екот на замената на патните исправи со „Република Македонија“ македонските граѓани се жалат за големите трошоци, кои, за илустрација, се значително поголеми во однос на Србија.



Српските државјани вадење нов пасош по редовна постапка ги чини 3.200 динари (околу 1.700 денари), а во Македонија сумата варира од 1.600 денари (1.500 за образец, плус 100 за административнна такса, на која се додава и банкарска провизија) за деца до 4 години до 2.300 денари (2.000+300) за лица над 27 години.

Пасошот за лица од 4 до 27 години, пак, во Македонија чини 1.700 денари (1.500+200).

Уште поизразена е разликата меѓу трошоците за вадење патни исправи по итна постапка во Србија и во Македонија. Итно издавање пасош без докази за итноста кај северниот сосед чини 8.600 динари (околу 4.500 денари).

„Доколку треба итно да го извадите пасошот, треба да приложите доказ за итност, кој, на пример, вклучува потврда дека ви треба лекување во странство, дека се работи за смртен случај. Потребно е да се поднесе барање во писмена форма и тогаш цената е помала“, за српската ТВ Прва објаснува Александра Марковиќ, началничка на Одделението за државјанство и други управни работи при Министерството за внатрешни работи на Србија.

За споредба, во Македонија цената на вадење пасош по итна постапка се движи од 6.200 денари (6.100 за образец, плус 100 за административна такса) за деца до 4 години, преку 6.300 денари за лица од 4 до 27 години и 6.400 за лица над 27 години.