Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис го критикува односот на сонародниците од Грција кон соседите од север, кои „во текот на 100 години се нарекуваа Македонци“, како што вели тој.
„Ние ќе загубиме многу нешта. Ќе си го загубиме достоинството во НАТО и во ЕУ. Не му помагаме на нашиот сосед, кој лута како мало дете во барањето на својот идентитет. А ние што правиме, всушност? Ги пцуеме и ги нарекуваме Цигани од Скопје. На што личи тоа?“, прашува Бутарис во изјава за грчките медиуми.
Иако нагласува дека „преговорите ги води Владата во Атина и никој нема право, вклучувајќи го и него, да кажува како да се водат тие“, „градскиот татко“ на Солун, сепак, смета дека спорот за името мора да се реши.
„Мојот став за тоа прашање е да се прифати име според одлуките од самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. Второ, мора да се исполнат барањата од Привремената спогодба – таму јасно е напишано откажување од секакви иредентистички манифестации. Сето ова да се исполни во две фази: во првата да се постигне договор за името, а во втората во период од три или пет години да се исполнат обврските од Времената спогодба. Не е лесно да ги промениш учебниците. Во текот на 100 години тие се нарекуваа Македонци“, вели Бутарис.





