Девет месеци по официјалниот почеток со работа, денес во Скопје се одржува церемонија на свечено отворање на амбасадата на царството Јапонија на која ќе присуствува државниот министер за надворешни работи на Јапонија Казујуки Накане, кој допатува во дводневна посета на Македонија.
Предвидена е церемонија на која државниот министер заедно со јапонската амбасадорка Кеико Ханеда ќе им посакаат добредојде на присутните изведувајќи ја церемонијата „кагами бираки” – кршење на буре со саке и ќе наздрават за успешно продолжување на билатералните односи помеѓу двете земји.
По свечената церемонија, државниот министер Накане заедно со министерот за здравство Арбен Таравари ќе ја посетат клиниката за Гастроентерохепатологија каде ќе се одржи официјално предавање на најсовремен апарат за абдоминална дијагноза и ултразвук, донација од народот на Јапонија.
Нашата земја веќе четири години има амбасада во Јапонија која официјално беше отворена во мај 2013 година, а првиот резидентен амбасадор во Јапонија, Андријана Цветковиќ ги предаде акредитивните писма на јапонскиот император Акихито во декември 2014 година. Република Македонија и Јапонија воспоставија дипломатски односи во март 1994 година, а во октомври 2015 и свечено беше отворен објектот на македонската амбасада во Токио.
Расте амбасадорската мрежа
Во Република Македонија свои амбасади имаат триесет држави, а други 42 ја покриваат Македонија со нерезидентни амбасадори со седиште во други, најчесто, соседни држави. Воедно функционираат и 19 конзулати, една Мисија на ЕУ, една Канцеларија на Малтешкиот ред како и Канцеларијата за врски на Република Грција.
Република Македонија во Европа има 30 амбасади и пет генерални конзулати, а во најава е отворање на амбасада во Братислава Словачка. Во Азија Македонија има седум амбасади, во Австалија е отворена амбасада и еден генерален конзулат, во Африка и Јужна Америка по една амбасада во Египет и во Бразил.
Македонија во последните години постигна повеќе договори за колокација односно за заеднички амбасади во ист објект со друга држава заради намалување на трошоците. Пример за тоа е Париз каде македонското дипломатско консуларно претставништво го дели просторот со ДКП персоналот на Црна Гора.





