Платите во Македонија беа искористени како репер на денешниот протест во организација на Конфедерацијата на независните синдикати на Бугарија (КНСБ) во центарот на Софија.
„Според нас, минималната плата од 510 лева е мала. Сакавме најмалку 530 лева. Во Романија таа е 318 евра од почетокот на годинава. До кога ќе заостануваме, веќе сме исти со Македонија, Србија. Со кој остана да се споредуваме?“, изјави претседателот на КНСБ, Пламен Димитров, според кој секој вработен треба да добие зголемување од најмалку 100 лева за оваа година, независно од дејноста.
Околу 10.000 работници од целата земја со повеќе од 160 автобуси се собраа утрово пред храмот „Александар Невски“, по што поворката помина низ центарот на главниот град и стигна до зградата на Владата. Под мотото „Работна Бугарија сака повисоки плати“, протестот од Владата е планирано да продолжи пред Асоцијацијата на индустрискиот капитал на Бугарија, во која се организирани работодавците.
Со одлука на Владата на Зоран Заев, минималецот во Македонија од септември годинава е 12.000 денари или околу 400 лева. Според Државниот завод за статистика, пак, просечната исплатена нето-плата по вработен во август е 22.912 денари (околу 763 лева).





