Бугарски новинар: Медиумите ни се поголеми католици од Папата, но забораваат дека Франциск го благослови македонизмот

Велизар Енчев, бугарски новинар, поранешен пратеник и ексамбасадор во Хрватска, не може да им се изначуди на медиумите во Бугарија за посветеното големо внимание на смрта на папата Франциск.



„Веќе трет ден во домашните медиуми се врти траорна хистерија поради смртта на папата Франциск. Вестите и коментарите почнуваат и завршуваат со Франциск. Ако до крајот на неделата, кога ќе биде погребан папата Франциск, Марсовци слетаат покрај дупката во Царичина, ќе биде невозможно да ги убедиме дека не сме католичка земја.

Денес нашите медиуми се поголеми католици од Папата, но забораваат што се случи на 8 мај 2019 година и што напишаа римските изданија ‘Република’ и ‘Ватикан њуз’. Одговарајќи на прашања на новинарите во авионот кој се враќаше во Ватикан по тридневното апостолско патување во Бугарија и во Северна Македонија, тој изјави: ‘Бугарија и Македонија се сосема различни народи. Бугарија е земја со вековни традиции. И Македонија има традиција, но не како држава, туку како народ, кој успеал одлично да се изгради како нација…“.

Откако ги пресече заедничките историски, етнички и јазични корени меѓу двете земји и со тоа го благослови антибугарскиот македонизам, папата Франциск библиски го легитимира и со овие зборови: ‘За нас христијаните Македонија е симбол на влегувањето на христијанството на Запад – на Запад влезе преку Македонецот кому во сон му се јави Свети Павле. ‘Дојди со нас’. Тој отишол во Азија. Овој повик бил мистерија. Македонскиот народ е горд со ова и не пропушта можност да каже дека христијанството навлегло поради повикот од Македонецот испратен кон Свети Павле’.

Овие зборови на папата Франциск веднаш беа осудени од грчка страна.

И како поинаку! Пред 2000 години Македонците биле Грци. Затоа, во 2018 година, со Договорот од Преспа, Атина го принуди Скопје да го промени својот устав и да го усвои новото име Република Северна Македонија. Така беше ставен крај на апсурдната антиквизација на македонизмот, што ги изедначи Хелените на Филип и Александар Македонски со денешното население на Вардарска Македонија.

Невозможно е папата Франциск да не ги знаел овие основни вистини.

За жал, тој е првиот папа по 1944 година кој отворено и категорично го застапуваше македонизмот и со тоа ја погази историската вистина дека еден народ ги населува Бугарија и Северна Македонија – Бугарите.

Денес бугарските медиуми се поголеми католици од Папата, заборавајќи на тажниот факт за нас дека Франциск го благослови македонизмот.

Всушност, за тоа треба да жалиме“, коментира Енчев на Фејсбук.