Бугарски научници во Монголија ги бараат корените на денешните Бугари –Дали браќата Миладиновци се „Бугари“, или „чукун-правнуци на Џингис Кан“?!

Пишува: Свето Тоевски



„Во понеделник, 16 јуни 2025 година, бугарска научна експедиција, која се подготвува веќе една деценија, ќе тргне кон Централна Азија. Планирано е експедицијата да изврши фотоснимања и набљудувања на најважните локалитети во монголскиот Алтај. Целиот потфат се спроведува со помош на Министерството за надворешни работи на Бугарија. Водачи на оваа бугарска научна експедиција се проф. Николај Овчаров и инж. Младен Станев, претседател на Здружението на Бугари од целиот свет. “ – објави бугарскиот информативен портал „24 часа“ на 12 јуни 2025 година во својата статија со наслов „Единствена експедиција тргнува кон Централна Азија во потрага по корените на прабугарите“. На 16 јуни 2025 година на истиот портал „24 часа“ во својата колумна „Шаманизмот бил неразделен дел од религијата на прабугарите“ историчарот-археолог Николај Овчаров, водачот на таа научна експедиција, дополнително ќе нагласи: „Кон планината Алтај, во северна Монголија тргнува оваа прва бугарска експедиција, каде што се родиле многу светски култури. Една од тие култури е и културата на нашите претци, на прабугарите, кои тргнале пред две илјади години кон Европа, имено од Централна Азија.“

На одбележувањето на 164-тата годишнина од издавањето на зборникот на народни песни на браќата Димитар и Константин Миладинов во Загреб, на 24 јуни 1861 година, се наметнува една дилема: Штом ги бараат денешните Бугари своите корени во Монголија, дали и браќата Димитар и Константин Миладинов, прогласени како „Бугари“ и „бугарски просветители“, можеби имале свои пракорени токму во Монголија?! Да не му биле можеби „чукун-чукун-правнуци на Џингис Кан“, а немале поим за тоа сиот свој живот?! Дали можеби Константин Миладинов, пишувајќи ја својата антологиска песна Т’га за југ“, несвесно ја искажувал својата носталгија за „родниот крај“ таму некаде во широките степи на Монголија?! „Одговорите“ на овие прашања треба да се добијат по завршувањето на споменатата научна експедиција во татковината на Џингис-кан.

Штом бугарската историја и политика ги има прогласено од поодамна како „чисти Бугари“, сите Македонци од денес па натаму засекогаш ќе треба да си имаат на ум оти и тие, исто така, можеби „си стојат во подалечна крвна врска со Џингис Кан и со своите останати многубројни поблиски, или подалечни монголски роднини“! Од сега па натаму сите Македонци можеби ќе треба да престанат да одат во црквите и манастирите на Македонската православна црква и ќе треба и тие да им се вратат на шаманизмот и да си одберат свои денешни шамани!  

Овде има една научна нејаснотија и научна бркотница: член на бугарската научна експедиција, која ги бара корените на денешните Бугари во Монголија е и историчарот Пламен Павлов, а тој уште на 7 мај 2022 година веќе упатил повик до Бугарската православна црква да ги „канонизира како маченици за бугарштината“ браќата Миладиновци. Информативниот портал „Фактор.бг“ и бугарската информативна агенција БГНЕС на споменатиот ден имаа објавено: „За да се избегне кражбата и посегнувањето по бугарското историско минато, професорот Пламен Павлов предлага активно дејствување. Тој ја повика Бугарската православна црква да ги канонизира браќата Миладиновци како маченици за верата и бугарштината.“

Е, сега, ако се докаже дека сите денешни Бугари се можеби потомци на Монголите, а со нив оти и и „Бугарите“ Димитар и Константин се можеби „чеда на Џингис кан“, а не на Аспарух, или на некој друг бугарски хан, дали тогаш историчарот Павлов ќе се откаже од својот повик до Бугарската православна црква да ги прогласува како христијански светители браќата Миладиновци?! Зашто, тогаш поправилно би требало врз нивните гробови да се вршат шамански обреди, како и за сите други Бугари по род, ако се утврдат „нивните монголски корени“!

Но, да прекинеме со иронизирањето околу историските фалсификати во бугарска режија, со сите нивни ненаучни апсурди и бесмислености. Тука за миг ќе запреме со осврнувањето кон претрагите на бугарските научници за потеклото на бугарскиот народ, но на тоа ќе се навратиме натаму во оваа анализа. Да обрнеме сега должно и сериозно внимание на историските фалсификати на македонското потекло на браќата Димитар и Константин Миладинови, на обидите да се бугаризира антологискиот Зборник на македонски народни песни, објавен на 24 јуни 1861 година. Димитар и Константин Миладинови немаат никаква врска со Бугарите ниту со Бугарија, тие се Македонци, кои им го посветија сиот свој живот и творештво на својата татковина Македонија и на фолклорниот и јазичниот гениј на својот македонски народ.

Во овој контекст нивниот Зборник на македонски народни песни со право се нарекува „Книга над книгите“ на македонската национална преродба, бидејќи тоа нивно животно дело е огледало на животот на македонскиот народ и потврда на неговата поетска дарба. Значењето на Зборникот е огромно за развојот на македонската култура: содржи околу 600 македонски народни песни и повеќе од 23 илјади стихови, потоа обичаи, верувања, преданија, пословици, гатанки, разни детски игри, народни имиња. Содржи и седумдесетина бугарски песни, отстапени од бугарскиот фолклорист Васил Чолаков.

Самиот Константин Миладинов има кажано со свои зборови најдобро што бил по род и етничка припадност, чии песни собирал и објавил со брат му Димитар, во писмото, кое му го испратил на 8 јануари 1859 година од Москва на Георги Стојков Раковски, бугарски преродбеник, револуционер – демократ, публицист, новинар и историчар: „Ние Македончината, недавно овде дојдени…  …и ја имам многу Макед. песни, кои сакам да ги издадам… Сите Македончина на име Ви се кланает и Ве благодарјат за љубовта…“

Мора да се расчисти и со причината зошто ова грандиозно македонско дело било објавено токму под насловот „Бугарски народни песни“. Објавувањето на Зборникот го овозможил познатиот хрватски бискуп од Осиек Јосип Јурај Штросмаер како негов ментор и насловот „Бугарски народни песни“ бил наметнат токму од негова страна, при што интервентно биле вклучени 76 бугарски народни песни. Во 2021 година Хрватот Горан Калоѓера, универзитетски професор, славист-македонист и извонреден познавач на македонската книжевност, жестоко ќе се спротивстави на бугаризирањето на делото на браќата Миладиновци.

Калоѓера во врска со тоа констатира: „Во Зборникот има и 76 бугарски песни, кои помладиот Миладинов бил присилен од Штросмаер да ги купи од Бугаринот Чолаков, за да му се даде ‘лажен легитимитет’ на Зборникот и на неговиот несоодветен наслов. Зборникот е изворно, чисто македонски зборник и тука нема дискусија!  Виновниците на несоодветниот наслов на Зборникот ги гледам во бискупот Штросмаер и во неговиот советник, историчарот Рачак, кој во рамките на турската империја немал можности, ниту знаење да го препознае македонскиот идентитет, иако во своите текстови ги употребува термините Македонија и Македонци. За Штросмаер тие поими биле поврзан со Грците и поради тоа сум длабоко уверен дека тој никако не сакал да ги прифати сугестиите на Константин Миладинов Зборникот да се нарече македонски. Што можел Константин освен да ги прифати сугестиите и притисокот на моќниот бискуп, кој од лично незнаење и од личен интерес за унијатење на православието, се залагал за термините ‘бугарски и Бугарин’?“

Во статијата со наслов „Браќата Миладинови – преродбениците на бугарската народна музика“, објавена на бугарскиот информативен портало „Независимост“ („Независност“) на 11 јануари 2025 година, е изнесено следново во врска со Зборникот на Миладиновци: „Ова епско дело влијае врз паметењето и историското богатство, будејќи ја патриотската самосвест на Бугаринот.“ Токму овој израз „паметењето на Бугаринот“ ќе биде повод за вториот дел од оваа анализа, кој ќе го објавиме утре, во кое ќе укажеме на ставови од научни дела на повеќе врвни бугарски научници, меѓу кои и членови на Бугарската академија на науки, околу тоа „историско бугарско паметење“, што е досега во него запаметено, а што се уште не.

Оваа анализа ја започнавме со веста дека на 16 јуни 2025 година е замината научна експедиција од бугарски историчари во Монголија, за да се изврши заедно со монголски професори и експерти потрага по корените на прабугарите и на денешните Бугари. Но, универзитетскиот професор Пламен Цветков, доктор по историски науки, кој работел едно време и во Институтот за историја при Бугарската академија на науки, во сосема друга насока и на друга територија ги наоѓа корените на денешниот бугарски народ. Тој има дадено интервју за „Дојче веле“, објавено на 4.9.2011 година, под наслов „Бугарите имаат историски комплекс на ниска вредност“. „Дојче веле“ ја пренесува следнава констатација, произлезена од ставовите на Цветков: „Комплексите на Бугарите ги обременуваат историските сеќавања – митовите, легендите и сомнителните икони им ја пишуваат историјата“. Одговарајќи на прашањето „Какви Словени се Бугарите?“, историчарот Цветков одговара: „Историското сеќавање на Бугарите во голема мера е обременето од комплексот на ниска вредност. Кај секого од нас е вкоренет страв да не се открие дека сме роднини, ‘братучеди’ на Турците!“

Ете и овој бугарски историски експерт самиот индиректно посочува дали браќата Миладиновци имале „бугарско потекло“: ако го имале ќе собирале не македонски, туку турски народни песни, според Пламен Цветков!

(Авторот во оваа анализа изнесува ставови од свои објективни научни и други истражувања, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија, ниту со уредувачка ориентација на ниеден медиум во Република Македонија)

(продолжува)