Бугарски ексамбасадор во Скопје: Во Македонија сфатија дека се изолирани

Првиот амбасадор на Бугарија во Скопје, Ангел Димитров, смета дека пробивот во односите со Македонија е резултат на тоа што кај нивниот западен сосед преовладеало чувството на изолираност и на потребата од барање излез.



„Неколку фактори овозможија средба во сегашното време. Едниот е прагматичната и активна политика во регионот што ја спроведува бугарската Влада – не можам да не го одбележам тоа со задоволство. Другиот е дека, очигледно, во Република Македонија доволно јасно и сè помасовно луѓето разбираа дека изолацијата во која беше ставена земјата и стилот на владеење на Никола Груевски и на кругот околу него создава сè повеќе и повеќе тешкотии, така што се бараше некаков излез од таа ситуација“, изјави Димитров за бугарската Телевизија Европа.

Ексамбасадорот и професор се осврна и на писмото од Македонска православна цркав – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) до Бугарска православна црква (БПЦ).

„Сложено е од две гледни точки. Едната е дека се случи малку неочекувано една таква конзервативна институција да достави такво барање – зборувам за македонската црква, и од друга страна да с еочекува брз одговор од бугарската. Црковниот живот си има свои канонски правила, во кои наглите чекори не изгледаат многу јасни, но од друга страна има страшно многу основи бугарската црква не само да го профати признанието дека може да биде црква-мајка, туку и да се потсети дека еднаш веќе била“, изјави Димитров.

Тој го поздрави договореното поевтинување на роамингот меѓу двете земји, но најважна е, според него, брзата изградба на железничката и транспортната врска меѓу Скопје и Софија.