Наспроти бугарскиот политолог Искрен Иванов, кој по изборите во Македонија пред четири години оцени дека „победата на СДСМ е победа и за Бугарија“, новинарот на Бугарската национална телевизија, Николај Крастев, по македонските избори минатата среда констатира дека „победата на ВМРО-ДПМНЕ беше една од најлошите вести за Бугарија“.
„Победата на ВМРО-ДПМНЕ беше една од најлошите вести за Бугарија што можеше да се замисли на крајот од изборниот ден во Република Северна Македонија. Доаѓањето на власт на оваа партија значи долгорочно ставање во ризик на бугарско-македонските односи, создава долгорочни проблеми меѓу Софија и Скопје“, изјави Крастев во етерот на „Добро утро Европа“ на телевизијата Евроњуз Бугарија.
„Во текот на кампањата, лидерот на ДПМНЕ, партијата која освои најмногу гласови, дури и предложи претседателот Румен Радев, како Виктор Орбан, да го напушти Советот на Европската унија и да оди на кафе, за да може европската интеграција на Северна Македонија да се деблокира. Ова нема да биде само зајадлива забелешка, ова ќе биде реалност“, смета тој.
Крастев не е голем оптимист за развојот на бугарско-македонските односи ни од аспект на новоизбраната претседателка на Македонија.
„Гордана Силјановска-Давкова добро ја познава Бугарија и факт е дека има бугарски роднини, но таа е личност која ќе спроведува непријателска политика кон нашата земја и тоа е стилот што ќе го покаже целата владејачка партија кај нашиот сосед“, очекува тој.







