Иван Влачков, седумкратен првак на Бугарија во автомобилизам на кружни патеки, ќе се натпреварува под знамето на Македонија.
Веќе претстојниов викенд во Словачка со својот „Син кар С01“ тој ќе настапи во трка од Есет купот на „Словакија ринг“.
Причината за да се трка како македонски возач е спорот меѓу двете автомобилистички федерации во Бугарија околу правото да издава лиценца за настап на меѓународни натпреварувања, поради што Влачков излезот го најде во Македонија.
„Дали сте задоволни, дали сте среќни што Иван Влачков ќе стартува под знамето на Република Северна Македонија? Дали сте среќни што еден од најталентираните бугарски спортисти ќе претставува друга земја? Овие прашања нека останат како пријатен бонус за Министерството за млади и спорт на Република Бугарија, кое толку успешно успеа да внесе хаос во бугарскиот автомобилски спорт, а благодарение на нивното ‘стручно’ раководство, наскоро може и да го нема воопшто. Браво дами и господа!“, пишува во објава на неговиот профил на Фејсбук.






