Бугарскиот окупатор масакрира 18 Македонци – партизани и активисти на НОБ кај Дабница на 19.9.1942, претходно измачувани со 46-мина други

„Бугарскиот окупатор извршил масакр врз 18 Македонци – партизани од одредот ‘Димитар Влахов’, активисти на НОБ и жители на Прилеп и Дабница, кај истото село Дабница на денешен ден, на 19 септември 1942 година.“ – пишува во статијата со наслов „Масакрот кај Дабница (1942)“, објавена на „Википедија.



Во статијата се истакнува: По наредба на Битолската обласна полиција од 28 август 1942, во содејство со административната власт, полицијата и војската, биле интензивирани репресалиите кон населението, кое го помагало ослободителното движење, особено партизанските одреди. По борбата на Мукос на 14 септември, 1942 година меѓу бугарската војска и полиција против четата од Партизанскиот одред „Димитар Влахов“, бугарските сили го блокирале и прилепското село Дабница.

Ги собрале селаните сред село и откако виделе дека никој не кажува за врските со партизаните, врзале 64 мажи на возраст од 16 до 60 години од селото со ортоми и ги однеле во касарните во Прилеп. Таму тие биле измачувани со боксови, газење, тепање со стап и коловски жила, со бајонети под грло, горење под ноктите на рацете и нозете, гаснење на цигари по телото и друго. Од претепувањето во затворот починал селанецот Сотир Дамески.

На 18 септември од затворениците по список извлекле 19-мина: 12 од затворените селани од Дабница и 7 прилепчани. Нив следниот ден, на 19 септември во 1942 година ги врзале со ортоми и без да бидат судени ги повеле на стрелање. На пат кон Дабница, по наредба на поручникот Иван Куцаров, затворениците се стрелани. Иако биле дополнително проверувани дали некој останал жив, еден од затворениците, Петко Велкоски, ранет и искрвавен, се притајува, го подзапира здивот и е фрлен меѓу мртвите другари. На крај успева да се спаси.

Во писмото испратено до Цветко Узуновски на 25 ноември 1942 година Мирче Ацев го опишува теророт во Прилепскиот крај. Притоа тој ги набројува селата Дабница, Стровија, Гостиражни, Габровник, Орао Дол, Мокрени, Богомила, Оморани, Чашка, Рудник, Јаболчиште, чии жители, до 10-тина по село, без суд биле стрелани од бугарската војска под изговор дека ги помагале партизаните. Мирче Ацев ја опишува тешката положба на населението, бидејќи покрај физичкиот терор, вршен е и психолошки терор од групите, кои им слугувале на бугарските сили, предводени од Димитар Чкатров и Димитар Ѓузелов. Нивните групи агитирале на терен, да ги прикажат партизаните како српски четници, кои сакале да ја вратат српската власт.

Ракописното писмо на Мирче Ацев, кое е зачувано, е пишувано со ракописна македонска азбука, каква ја користиме и денес. Со ова писмо се побиваат и великобугарските манипулации за непостоење македонска азбука и писмо  пред 1945. Писмото на Мирче Ацев се чува во архивот на Институтот за национална историја во Скопје.

Во знак на сеќавање на масакрот бугарскиот полицаец Иван Стефанов Неделчев, учесник во дабничкиот масакар, згрозен од овој чин, ја пишува песната со наслов „На хероите во Дабница“.

Преземено од: „Википедија“