Ринуабл Пауер Интернатионал, несудениот бугарски стратешки инвеститор во Македонија, му останал должен 31.427.865 евра на МЕПСО, односно, операторот му овозможил огромен простор за меневрирање со скапа услуга на компанијата со сомнителни интереси во Македонија, а за возврат не ги добил парите од договорот, пишува Фактор.мк
Бугарската компанија се обврзала кај МЕПСО дека ќе ја плаќа годишната аукција за прекугранични преносни капацитети на македонско-бугарската граница за 2023, но ја платила само првата рата за јануари во висина од 3.016.176 евра. Останатите 11 рати не се платени, а според она што го тврди МЕПСО, фактурите престанале да им се испраќаат лани во јули, а капацитетот бил понуден на месечна, наместо годишна аукција, но без да се знае каков бил исходот.
„Во текот на 2023 АД МЕПСО се соочи со проблем при исполнување на обврските од договорот за прекугранични преносни капацитети на МК-БГ граница со една од компаниите која имаше добиено право на користење на годишен прекуграничен капацитет. Компанијата „Ринуабл Пауер Интернатионал Дооел Скопје“ на годишната аукција за 2023 доби право на користење на поголемиот дел од понудениот годишен капацитет. Согласно правилата, годишната аукција се спроведува еднаш, а фактурирањето за право на користење на капацитет е поделено на 12 месечни рати и се фактурира 2 месеци однапред.„Ринуабл Пауер Интернатионал“ ја плати првата рата, односно фактурата за месец јануари, со што и беше доделено да го користи правото на прекуграничен капацитет, додека пак фактурите за понатамошните месеци престана да ги плаќа“, информира МЕПСО, при тоа напоменувајќи дека во меѓувреме бил раскинат договорот.
Од извештајот на МЕПСО за работењето во 2023 може да се види дека капацитетите на бугарската и на српската граница биле закупени со помал капацитет и од други снабдувачи/трговци на годишно, месечно и дневно ниво, но тие, иако станува збор за помали суми, редовно плаќале и не оставале никакви долгови.
Од операторот, на прашањето од порталот за тоа како ќе се расчистува спорот и дали имало досега некаква наплата, велат дека процесот се води со арбитража преку Стопанската комора
„Наводите што се содржани во Годишниот Извештај за работењето на АД МЕПСО за 2023 година, се точни. АД МЕПСО постапувајќи согласно одредбите од Договорот за закуп на прекугранични преносни капацитети на Македонско-Бугарската граница склучен со РИНУАБЛ ПАУЕР ИНТЕРНАТИОНАЛ ДООЕЛ Скопје, во согласност со своите законски обврски и овластувања има превземено дејствија во насока на заштита на интересите на АД МЕПСО, односно го раскина Договорот и иницираше арбитражна постапка пред арбитражниот суд при Стопанска Комора на РСМ. Постапката пред арбитражниот суд при Стопански Комора на РСМ е во тек а Советот на арбитри утврдил роковник на постапување. Согласно добиените информации од овластениот полномошник на АД МЕПСО се очекува позитивен исход од овој спор“, гласи одговорот кој го добивме од акционерското друштво.
„Ринуабл Пауер Интернационал“ ДООЕЛ Скопје е компанија која беше прогласена од претходната власт меѓу првите потенцијални стратешки инвеститори во земјата. На крајот на декември 2021 беше донесена владина одлука да му се даде статус на стратешки инвеститор по објавен повик од јануари истата година со проектот „Грид-тиед солар плант“. Требаше да изгради соларната електрана со силина од 85 мегавати и вредна 63 милиони евра во атарот на Долни Балван во Општина Карбинци.
Сопственик на фирмата „РИНУАБЛ ПАУЕР ИНТЕРНАТИОНАЛ ДООЕЛ Скопје” е Павел Валнев– сомнителен политичар од Бугарија. Од Владата која донесе одлука да го избере Ринуабл односно Валнев за стратешки инвеститор во меѓувреме во одговор за медиумите тогаш нагласија дека станува збор за американски инвеститор.






