Бугарија оди на 8-ми па и 9-ти избори, уценува Борисов

Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов постави ултиматум: 51-то Народно собрание избира претседател од ГЕРБ или одиме на нови избори.



Во првото појавување пред медиумите по изборите, Борисов постави ултиматум и изјави дека изборната кампања продолжува и дека реално сите се подготвуваат не само за 8-ми , туку и за 9-ти избори по ред, пренесе Њуз.бг.

За Борисов клучен е изборот на претседател на Народното собрание и дури тогаш ќе одлучи дали воопшто ќе поднесе предлог за влада за прв мандат.

„Моја одлука и на мојата партија ќе биде изборот на претседател на парламентот, а ако одлучат да направат ујдурми, ние веќе нема да учествуваме во разговори со никого, бидејќи тоа не е фер, не е парламентарно и не го одразуваат високиот одѕив на гласачите и волјата на народот…“, се закани Борисов на брифингот во седиштето на партијата.

Борисов прецизираше дека изборот на претседател на парламентот ќе одлучи дали ќе понуди консултации или ќе предложи малцински кабинет за гласање во парламентот.