Бугарија не ја одложи изградбата на пругата кон Македонија

 

Бугарското Министерство за транспорт и врски и нагласува дека „не ја одложило изградбата на пругата кон Република С. Македонија“ и дека Коридорот 8 е национален приоритет.



„Министерството за транспорт и врски со години прави напори за развој на Коридорот 8, кој го поврзува Јадранското Море со Црното Море преку Албанија, Република С. Македонија и Бугарија. Од вкупно 1.220 километри железница, повеќе од половина од нејзината должина – 747 километри, е на територијата на Република Бугарија.

Од нив останува да се изградат само 2,5 километри железничка пруга – од Ѓуешево до Деве Баир (границата со Република С.Македонија). Делот е финансиран во рамките на Програмата за транспортна поврзаност 2021 – 2027 година и ќе биде завршен согласно распоредот до 2029 година. За споредба, делницата што недостасува на територијата на РСМ е приближно 70 километри“, соопшти Министерството, пренесува БТА.

Според бугарското Министерство, железничката линија Радомир – Ѓуешево е во функција и по завршувањето на делницата од Ѓуешево до Деве Баир во должина од 2,5 километри, преку прекуграничен тунел ќе може да се приклучи на мрежата на операторот на Република С. Македонија.

„На 15 јануари 2025 г. согласно утврдената процедура, Бугарија ѝ предаде на Република С. Македонија нацрт-договор за прекуграничен железнички тунел со Република С.Македонија, во кој се претпоставува дека страните имаат заедничка цел – изградба на прекуграничен железнички тунел меѓу Република Бугарија и Република С Македонија во граничната област, вклучително и преку спроведување на јавна набавка за изградба и надзор на изградбата на тунелот од страна на една од договорните страни и напорите за обезбедување грант помош за негова изградба, бидејќи изградениот објект треба да ги исполнува барањата на ЕУ и НАТО за ваков тип на инфраструктура. До денес нема официјален одговор од РСМ“, наведуваат во својот став од бугарското Министерство.

Бугарија пријавена во ЕУ, падна пропагандата дека Македонија не сака да гради пруга кон Бугарија (ВИДЕО)