Најмалку по 7-8 Македонци дневно аплицираат за бугарски пасоши во Албанија, изјавил во репортажата за агенцијата Франс Прес претседателот на организацијата „Голобрдо“ Хаџи Пируши.
Бројот на Македонци од Албанија кои што се кажуваат за Бугари за да можат да добијат бугарско државјанство и пасош со кој можат да заминат во ЕУ по работа се зголемил драстично по февруарската резолуција на Европскиот парламент за Бугарите во Албанија, тврди Пируши.
Во документот кој го предложи бугарскиот европратеник Андреј Ковачев кој пред еден месец имаше средба со македонскиот премиер во владата во Скопје (читај тука) од Тирана беше побарано да донесе закони за почитување на правата на луѓето со Бугарски етнички идентитет во Преспа, Голо Брдо и Гора и законите да ги спроведува во практика.
Според официјална Софија сегашните Бугари во Албанија, кои не се признати како национално малцинство, се наследници на Бугарите кои таму дошле во 5-тиот век. Според бугарските власти во Албанија има околу 100 илјади Бугари колку што има и припадници на Македонското малцинство во оваа земја. Всушност Софија смета дека овие луѓе се Бугари а не Македонци.
Огромен број од нив сега се заминати во ЕУ со бугарски пасоши пишува Франс Прес која цитира официјални бугарска статистика според која меѓу 2001 и 2016 година 4470 Албански државјани побарале бугарско државјанство од кои 2608 истото го добиле. Нема податоци за трендот во 2017 година.






