Бугарската територија е резервна варијанта за Македонија во кинеските планови за коридор од Грција до Унгарија, пишува во опсежната анализа на хрватскиот весник „Јутарњи лист“.
„Во војната за коридори и Балканот игра исклучително важна улога. Не треба да се заборави дека војната во бивша Југославија во 1991 година, заедно со кувајтско-ирачката војна, беше прв прекин во евроазиските коридори од 1945 година, ако не се сметаат експресните локални војни. Конците во балканскиот случај до ден денешен не се поврзани. Занимливо е да се набљудува како Кина преку Балканот се обидува со своја инфраструктура да дојде во средиштето на ЕУ, а исто така и руските обиди за инсталирање гасовод преку Турција, на Балканот и во Европа. Кина, поседувајќи го грчкото пристаниште во Пиреја, се обидува да пробие нов коридор преку Македонија и Србија до Унгарија, до Будимпешта. На своја страна ги има владеачките структури во Србија и во Унгарија, додека Македонија по смената на власта по американски оркестрираните избори е под голем прашалник. Резервна варијанта е користењето на територијата на Бугарија. Софија своевремено под диктат на Брисел ја одби руската гасна интерконекција ‘Јужен тек’, но натпреварот не е готово“, пишува „Јутарњи“ во текстот со наднаслов „Раѓање на новиот Исток на ужас на стариот Запад“ и со наслов „Не е исклучен ни отворен судир на САД со Кина и со Русија, во кој Америка би можела да биде поразена“.






