Портпарол на Институтот за етнологија и фолклористика при Бугарската академија на науки (БАН) можеби ќе биде жртва на признавањето на бугарското малцинство во Албанија минатата недела, пишуваат бугарски медиуми.
Д-р Петар Крджилов бил причина за скандал кога минатата сабота во соопштение во име на Институтот нагласил дека за признавањето на бугарското малцинство во Албанија придонес имаат не само политичарите, туку и научници од БАН, меѓу кои и доцентката Веселка Тончева.
„Не им прави чест на претставниците на бугарската влада да ги припишуваат заслугите за овој ‘историски пробив за Бугарија” (зборови на премиерот Бојко Борисов) единствено на нивните ‘исклучителни дипломатски напори’и дури да не го споменат клучниот придонес на БАН и лично тој на Веселка Тончева“, стоело во соопштението од Крджилов.
БАН се огради и даде демант според кој „признавањето на бугарското национално малцинство во Албанија е исклучителен успех на владата на Бојко Борисов и бугарската дипломатија“, а напорите на научниците биле насочени само кон помагање на бугарската држава.
Во меѓувреме на д-р Петар Крджилов изјави дека му бил поставен ултиматум да замине со взаемна согласност или да биде отпуштен поради непрофесионализам и дисциплински прекршок, но дека немал намера сам да си даде оставка.





