Најновата анкета покажа дека 51 отсто од Британците би сакале да останат во Европската унија, а 41 отсто сакаат да го напуштат блокот, што е пресврт во споредба со минатогодишниот референдум, објави „Интепендент“.
Анкетата, спроведена помеѓу 5 и 8 декември, покажа најголем број гласови за „останување“ во ЕУ по референдумот во јуни 2016 година, кога 48 отсто од Британците гласаа за останување, а 52 ппрценти беа за излегување од ЕУ.
Лидерите на 27 земји-членки на самитот во Брисел во петокот се согласија да се помине во втора фаза од преговорите за заминување на Велика Британија од ЕУ, популарно наречен „Брегзит“.
Ова ги зголемува очекувањата на земјите од Западен Балкан дека „заминувањето“ на Британија ќе ги отвори перспективите за нив.
На почетокот на месецот, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини изјави дека шест земји од Западен Балкан можат да се приклучат на ЕУ до 2019 година.
„Не мислам дека во иднина ЕУ ќе има 27 земји членки, сметам дека тие ќе бидат повеќе“, рече Могерини вчера во интервју за телевизијата „Еуроњус“.
„И кога велам дека по две години, кон крајот на нашиот мандат, ќе постигнеме напредок во односите со шесте земји од Западен Балкан – напредок, кој нема да може да биде ставен под сомневање – зборувам сериозно. Јас навистина верувам во тоа“, изјави Могерини.
Според неа, ЕУ има интерес Западен Балкан да стане дел од европското семејство, од причини поврзани со безбедноста и економијата.




