Брзо и ефикасно до бисерна насмевка

Сакале да признаете или не, со текот на годините вашите заби освен што го менуваат изгледот ја менуваат и бојата. Во нашите гени е запишано каква ќе биде бојата на коската на забите и нивната цврстина, па некои луѓе имаат потемна нијанса на забите, додека кај останатите потемнувањето се должи на стареењето, на храната што ја јадеме, на лошите навики како пушењето, пиењето црвено вино, кафе, чај.
Доколку мечтаете да имате бели заби, а не сакате да ризикувате со избелување кај стоматолог, постојат неколку “бабини рецепти” кои можат да ви помогнат да добиете со неколку нијанси побели заби.




Сода бикарбона
Најраспространет домашен “лек” за избелување на забите е сода бикарбона. Добрата вест е што е многу ефективна, а лошата е што има абразивно дејство и ако се користи многу често може да го нагризе надворешниот слој на забите и да предизвика оштетување.
Како да ја користите?
Натопете ја четката за заби со вода и макнете ја во сода бикарбона. Врз четката не треба да има многу сода. Тријте ги забите со кружни движења 2-3 минути, а ако можете продолжете и до 5 минути.
Потоа исплакнете со вода неколку пати или измијте ги забите со паста за избелување.

Јагоди

Јагодите се сосема природен начин за избелување на забите, па поради тоа многу луѓе решаваат да ги искористат и да го проверат нивниот ефект. И навистина, јагодите содржат ензими кои ги избелуваат забите, иако нивниот ефект е многу мал.
Како да ги користите?
Земете 2-3 јагоди и изгмечете ги. Ставете ги врз четката за заби и четкајте ги забите 3 минути. Или пак, можете да пресечете една јагода на половина и со неа да ги триете забите.
Јагодите содржат шеќер и киселини кои ги отстрануваат флеките од забите и ги прават побели, но во исто време го омекнуваат емајлот на забите. Затоа, по употребата на овој метод за белење, потребно е да ги измиете забите со паста за да ги отстраните шеќерите и киселините кои остануваат.