„Македонската политичка сцена е засекогаш променета по изборниот круг од 8 мај. ВМРО-ДПМНЕ, под палката на Христијан Мицкоски, сега е центристичката сила во македонската политика, партија што е природен избор на македонскиот граѓанин, а наедно и партија со максимален коалициски потенцијал. Граѓаните на Македонија конечно добија партија со идеолошка платформа, која е прагматична, практична, но и ја отсликува националната визија на Македонија, без да се забегува во екстремите, или во некои мрачни сценарија. Задача на Мицкоски е сега овој прагматизам и национална визија да ги пренесе и во власта, па македонскиот граѓанин повторно да здобие впечаток дека одговорно се управува со земјата, активно се бори против корупцијата и се настојува да се стигне до владеењето на правото.“ – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Нова политичка реалност во Македонија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, натаму Боцевски пишува: Многу поголем труд на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски престои во полето на надворешната политика, тоа вечно потфрлување на оваа партија и на нејзините лидери. Дури и најсуверената држава во светот, САД, мора да внимава на меѓународните околности и да ја приспособува својата политика на глобалните реалности. Досега ВМРО-ДПМНЕ никогаш не ја научи лекцијата дека домашната демократска поддршка не е доволна за успешно владеење, туку дека се потребни и активна надворешна политика, прагматично приспособување и паметна борба за националните приоритети.
На Мицкоски веќе во самиот старт му престои влез во најконтроверзното досие со Бугарија, отворање дијалог со Грција за излез од хаосот, што го остави Преспанскиот договор, со кој се создадоа многу повеќе проблеми и во двете општества отколку што се решија, како и заедничката борба со преостанатите земји од Западниот Балкан за продолжување и заокружување на европската интеграција. Овој испит, надворешната политика, ќе го утврди и ќе го цементира ВМРО-ДПМНЕ како единствен стожер, или повторно ќе доведе до негово излетување од шините.
ДУИ е жртва на сопствената ароганција. Тие се доведоа во положба како отровна партија, со која никој не сака да влезе во коалиција, поради нивната реторика, нивната ароганција и лошата политика. Веќе не постои политички простор за партија што своето учество во власта го заснова на сопствениот потенцијал за дестабилизација на земјата.
СДСМ одамна се наоѓа во идентитетска криза, но сега се доведе во ситуација да падне под двесте илјади гласа и под 30 пратеници. Преспанскиот договор, преговарачката рамка и договорот Ковачевски-Петков, некритичкиот однос кон ДУИ, како и целосното потфрлање на секојдневното владеење на СДСМ во периодот на владите на Заев и Ковачевски) ќе остави долга сенка над оваа партија. Само коренито видоизменување, со сосема нова платформа, со враќање кон патриотизмот и со јасен европски исчекор може да го извади СДСМ од претсмртна кома.
На 8 мај граѓаните на Македонија ја затворија лошата декада, што започна во 2014 година. Следниот испис на волјата на македонскиот граѓанин ќе дојде на локалните избори есента во 2025 година, а тогаш ќе следиме каде отишле шесте актуелни политички структури на политичката сцена, ќе се случува ли фрагментација, или нова хомогенизација и дали ќе се изродат и нови политички движења. Засега е само јасно дека веќе не сме земја со две стожерни партии, туку дека имаме еден силен центар и фрагментирано опкружување. Ќе значи ли овој резултат и раѓање нова македонска република?





