Божиновска задоволна од новата цена на струјата – Граѓаните спасени од ценовен шок

Сања Божиновска / фото: Фактор

Министерството за енергетика, рударство и миниреални суровини го изрази своето задоволство од незначителната промена на цената за електрична енергија за домаќинствата што ќе важи од 1 јули, а за која денеска Регулаторната комисија за енергетика донесе официјална одлука. 



Според министерката Сања Божиновска, но и како што денеска кажа самиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, голем придонес во незначителното зголемување на цената за електрична енергија има изгласувањето на овие законски измени кои беа поднесени минатата недела. 

– Мора да се каже дека овој предлог-амандман даде голем придонес во тоа што практично не се зголеми цената на електричната енергија за домаќинствата посебно првата категорија која останува иста и е за поздравување тоа што законот беше прифатен од 84 пратеници и донесен конструктивно, вели Божиновска.

Собранието пред два дена во рамки на 8-та седница едногласно со 84 гласа „за“ го донесе Законот за дополнување на Законот за енергетика со што ќе се спречи зголемување на цената на електричната енергија од 1 јули годинава за домаќинствата и малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар. 

Регулаторна комисија за енергетика денеска официјално објави дека од 1 јули цената на електричната енергија за домаќинствата се зголемува за половина процент.

Извор: Фактор. Мк