Блискиот човек на Трамп, кој три пати се сретна со Мицкоски, доби важна позиција во Белата Куќа

Блискиот човек на Трамп кој летоска три пати за кратко време се сретна со премиерот Мицкоски доби важна позиција во Белата Куќа.



Американскиот претседател Доналд Трамп ноќеска по македонско време објави дека Ричард Гренел е именуван за специјален претседателски пратеник за специјални мисии и ќе ги води најважните светски прашања за САД.

Грнеел не стана државен секретар во администрацијата на Трамп но добива позиција која ќе има исклучителна важност за Белата Куќа.

,,Задоволство ми е да го најавам Ричард Ален Гренел како наш претседателски пратеник за специјални мисии. Рик ќе работи во некои од најжешките места низ светот, вклучувајќи ги Венецуела и Северна Кореја.

Во мојот прв мандат, Рик беше амбасадор на Соединетите Држави во Германија, вршител на должноста директор на националното разузнавање и претседателски пратеник за преговорите меѓу Косово и Србија. Претходно, тој помина осум години во Советот за безбедност на Обединетите нации, работејќи со Северна Кореја и случувањата во многу други земји”, објави претседателот Трамп по именувањето на Гренел.

Гренел има диплома од Еванџел колеџот и магистратура од Харвард.

,,Рик ќе продолжи да се бори за мир преку цврстина и секогаш ќе ја става АМЕРИКА НА ПРВО МЕСТО. Честитки Рик!”, напиша Трамп по одлуката за Гренел.