По повод 4 ноември, денот кога е ослободена Битола во 1944 година, локалната самоуправа подготви програма со 33 настани во период од 15 денови, со кои ќе биде одбележана 80-тата годишнина од ослободувањето. На днешен ден во 1944 година, борците на 49-тата дивизија на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, во чиј состав биле и борците на Седмата битолска бригада, победоносно марширале низ Битола, откако го ослободиле градот од германскиот и бугарскиот фашистички окупатор. За време на Втората светска војна околу 270 борци од Битола и Битолско ги положиле животите за слободата на градот.
Програмата за одбележување на овој значаен јубилеј содржи: традиционални манифестации, одбележување други јубилеи, како и промоција на културните, музички и спортски достигнувања на Битола. Споменатата програма содржи 6 спортски настани, 4 театарски претстави, 4 настани поврзани со филмот и филмската уметност, 6 музички настани, 4 изложби, протоколарни и хуманитарни настани и три настани со кои официјално ќе се одбележат три 80-годишни јубилеи. Дел од сите овие настани веќе се одржани во изминатите денови.
Денес, на самиот ден на ослободувањето на Битола, со почеток во 10 часот ќе им биде оддадена почит на загинатите борци пред споменикот на Плоштадот „Гоце Делчев“. Ќе се одржи свечена академија за за доделување на наградите „4 Ноември“ во Центарот за култура денес во 19 часот. Истиов ден подрачното одделение на Државниот архив во Офицерскиот дом во 20 часот и 30 минути ќе ја отвори изложбата „Битола – слободна“.
Се до 14 ноември 2024 ќе продолжат програмските активности за одбележување на 80-годишнината од ослободувањето на Битола. Покрај другото, на 6 ноември ќе бидат одбележани 80 години од постоењето на Народниот театар Битола и Културно-уметничкото друштво „Стив Наумов“.
Преземено и приспособено од: „Битола њуз“





